Косово ќе отвора амбасади во Италија, Турција, Франција, Германија и Канада

Косовскиот премиер, Албин Курти објави дека Владата моментно е во процес на купување амбасади во пет земји, односно во Италија, Турција, Франција, Германија и Канада, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Владата, Курти информира дека вчера свечено бил отворен новиот објект на Конзулатот на Косово во Стразбур, кој, како што рече, „сега е сопственост на државата и постојан дом на Републиката“.

„Значи, ние продолжуваме со купувањето на нашите амбасади во клучните земји за нашата дипломатска служба. По купувањето на објектите на амбасадите во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Хрватска, Сенегал и сега во Стразбур, Франција, во процес на купување се амбасадите во Италија, Турција, Франција, Германија и Канада, рече Курти.