Косово не спасува од конфликт во владата и од судир со Србија

Косовските власти не спасија од судир со Србија и внатрешна криза во владата откако не поднесе апликација за членство во Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО).

Според вршителот на должноста шеф на дипломатијата на Косово, Емануел Демај, апликацијата не е поднесена поради „домашни прашања“, односно затоа што се уште не се донесени законите за верски слободи и за религиско наследство.


Демај за неточни ги прогласи информациите дека неподнесената апликација е резултат на дипломатскиот пораз од Србија која што успеала да убеди доволен број држави да гласаат против приемот на Косово во Унеско.

„Косово се уште не аплицираше во УНЕСКО. Во очекување сме на донесување на Законот за верски слободи и на Законот за религиско наследство од страна на косовскиот парламент. Работиме, ги разгледуваме сите можности и опции, верувам дека имаме уште малку време за да аплцираме. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, изјавил Демај за косовските медиуми.

Пред 18 месеци Косово за само три гласа не успеа да стане членка на Унеско каде што за прием треба да гласаат најмалку 123 од вкупно 195 членки.

Пред два дена српскиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Вучиќ најави дека Србија очекува земјите кои што гласале неутрално пред 18 месеци сега да гласаат против приемот на Косово во ОН.

Паралелно со изјавата на Вучиќ од  Белград стигнаа закани дека доколку Македонија повторно гласа против интересите на Србија тамошната влада може да започне процедура за менување на одлуката за признавање на земјата под уставното име и да започне со официјлано користење на ФИРОМ, нешто што дел од српските политичари и институции се почесто го прават во последно време.

Доколку Косово не успее во наредниве неколку дена да добие двотретинска поддршка во ОН, со тоа ќе ја спаси и Македонија од носење на тешката одлука.

Премиерот Заев кој во мај најави дека Македонија на следното гласање ќе гласа воздржано е под силен притисок на албанските коалициони партнери кои што инсисистираат на гласање за прием на Косово во Унеско. Ако Заев опстане на ваквиот став тоа може да предизвика сериозни тензии во владата.

Доколку има гласање во ОН тоа ќе се случи во текот на кампањата за локалните избори во која опозиционите албански партии Беса и ДПА ќе го искористат неутралното гласањето на Македонија за да  ги обвинат ДУИ и партијата на Села за работење контра интересите на Косово.