Ричард Гренел, поранешен амбасадор на САД во Германија и пратеник за Западен Балкан за време на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп, би можел да стане советник за национална безбедност во новата администрација, од што стравува Косово, каде што тој е крајно непопуларен.
Гренел е долгогодишен близок соработник на Трамп, посебно кога станува збор за надворешната политика, и беше активно вклучен во неговата изборна кампања, а во неколку наврати го навлече гневот на Албанците во Косово и на властите во Приштина.
Тој се смета за одговорен за падот на првата влада на Албин Курти во 2020 година поради неговиот цврст став против нејзината одлука да воведе даноци од 100 отсто за српските производи. Курти тогаш инсистираше даноците да останат во сила кон Србија и кон Босна и Херцеговина, на што Гренел отворено се спротивстави, нагласувајќи дека поддршката на САД за Косово да зависи од укинувањето на даноците.
Владата на Курти падна по само 50 дена, по барањето од неговиот поранешен коалициски партнер, ЛДК, да ѝ се изгласа недоверба. Тоа предизвика остри критики од Самоопределување и од неговите поддржувачи.
Подоцна Гренел стана уште погласен во критиките кон Курти, обвинувајќи го за „уништување на силната врска меѓу Косово и САД“.
Исто така, Гренел постојано нагласува дека на САД им треба цврсто лидерство во преговорите меѓу Белград и Приштина, нагласувајќи дека проблеми во дијалогот се „Европејците и Курти“.
Наспроти негативната слика во Приштина, Гренел остана добредојден гостин во Србија. Носител е на Орденот на српското знаме од прв степен, што му го додели српскиот претседател Александар Вучиќ.