Пишува: Свето Тоевски
„Се к’ти ноќта црна! / Се рути карпа – мрак! / И петли в село пеат / и зората се зори – / над карпа в крв се мие / и темнината пие / силно / светнал ден! / Пробудете се морни / копачки и копачи – / на трудот / / црн / народ! / Со мотика на рамо / за корка сува леб, / по патиштата стрмни, / по полињата рамни, / у вивналиов ден – / да тргнеме и ние / страдалници от век! / …“ – овие стихови се дел од една од најбележитите песни со наслов „Копачите“ на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин во неговата монументална стихозбирка „Бели мугри“, испечатена на денешен ден, на 25 ноември во 1939 година. Стихозбирката е испечатена на 25 ноември 1939 година во 4 илјади примероци во печатницата на Драгутин Шпулер во Самобор, во Хрватска. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Кочо Рацин ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“. Стихозбирката брзо се растура по цела тогашна кралска Југославија, под чија окупација била Македонија, како и во Пиринска Македонија и постигнува голем успех.
„Тешко ние да можеме да најдеме во нашата културна историја друга толку монолитна личност како Рацин, што на творечки начин гради мостови меѓу минатото и иднината… На македонскиот простор не може веќе да се изневерува пораката на поетот Кочо Рацин…“ – има кажано вториот великан на македонскиот јазик, поезија и култура Блаже Конески за Коста Солев Рацин и неговата поезија, во која има почесно место имаат токму „Белите мугри“.
Авторот на оваа колумна творечки ѝ пристапува на поезијата на Рацин и на пораката, што извира од антологиската песна „Копачите“, со која не случајно е започнат овој текст, од строфите „Се к’ти ноќта црна! / Се рути карпа – мрак! / И петли в село пеат / и зората се зори – / над карпа в крв се мие / и темнината пие / силно / светнал ден! / Пробудете се … “. Според авторот на оваа колумна, овие стихови и оваа песна од „Белите мугри“ на Рацинов можат да претставуваат и како негов своевиден моќен повик уште од пред 1939 година, во една поширока, но сепак и директна смисла, до сиот македонски народ да се „пробуди“ и да започне да ги создава своите национални „Бели Македонски мугри“, правејќи се ги урне „преспанската“ и „санстефанската карпа на мракот“! Со „Копачите“ Рацин моќно ги повикува не само „Копачите“, туку и својот македонски народ и денес се да стори, за да му „светне силно неговиот ден“ во борбата за одбрана на сопствениот македонски идентитет, јазик и историја, сега во овие драматични социолингвистички и геополитички мигови, судбински важни за Македонија и македонскиот народ!
Појавата на стихозбирката „Бели Мугри“ е исклучително крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Со оваа стихозбирка Рацин ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на македонскиот јазик, на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Таа стихозбирка се потпира творечки врз достоинството што ги носи македонското народно епско и лирско творештво, збогатени со сопствениот Рацинов творечки однос кон тоа творештво.
Кочо Рацин во „Бели мугри“ создал поезија изворна и своевидна, автентична и длабоко доживеана со јазик на убавината. Со полна поетска сугестивност и чувственост тој ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и неговите вечни стремежи за подобар, поправичен свет. Во оваа своја монументална стихозбирка Рацин создаде песни, кои ќе му ги отворат прозорците на македонскиот народ со својата култура и поезија, со својот македонски јазик да стапи во благороден културен натпревар со другите народи во светот. Со „Бели мугри“ се отвори и патот на современата македонска литература, така Кочо Рацин станал еден од основоположниците на современата македонска книжевност.
Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои преовладуваат општествените и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е поезија за едно ново утро, нов почеток, за еден нов живот, во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од Браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).
„Филигрантската поетска тантела „Бели мугри“ на Коста Апостолов Солев – Рацин останува како светилник и патоказ за нашето постоење, како потврда дека оваа Македонија имаше и има се уште великани на својата книжевност и на својот македонски јазик, чие дело мора да го продолжиме. Животот на Рацин е аманет дека мора да се грижиме за македонскиот код, за македонскиот јазик, книжевност, култура и историја.“ – има кажано Моника Талеска пред неколку години тогаш во својство како директорка на градската библиотека во Прилеп.
„Македонскиот идентитет е втемелен во делото на Рацин. Тој ја испеа нашата, македонска песна, поврзувајќи се со традицијата, пренесувајќи фолклор и итајќи кон иднината.“ – нагласува проф.д-р Лорета Георгиевска од Институтот за македонска литература за ликот и делото на великанот Рацин, во кое централен место зазема бездруго токму стихозбирката „Бели мугри“..