Консеисао ја урна Чешка, Турција подобра од дебитантот Грузија

Резервистот Франсиско Консеисао ѝ донесе стартна победа на Португалија од 2:1 над Чешка на Европското фудбалско првенство во Германија со својот прв гол за поранешниот европски шампион, и тоа во втората минута од судиското продолжение во Лајпциг.

Одбиената топка во петерецот 21-годишното десно крило на Порто ја испрати во чешката мрежа, комплетирајќи го пресвртот по водството на Чесите преку Провод во 62. минута и израмнувањето со автоголот на Хранач седум минути подоцна.

Дебитантот Грузија долго ѝ се закануваше на Турција, пред Актуркоглу од контранапад во 90+7 минута да стави крај на неизвесноста во Дортмунд, каде што фаворитот славеше со 3:1.

Резултатот го отвори Мулдур со волеј во 25. минута, израмни Микаутаѕе во 32. минута со првиот гол за Грузијците на европските првенства, а ново водство на Турците им донесе Ѓулер со еврогол во 65. минута.