Конгресменот што тврдеше дека сме вештачка држава против Хојт Ли

Хојт Ли: Соработката со Сорос е незначителна

Приказните за Сорос се многу претерани, американската дипломатија не се меша во внатрешните работи на балканските држави но национализмот на Балканот е во пораст, изјави денес Хојт Ји на дебатата на Поткомитетот за надворешни работи на Конгресот на САД.

Дебатата траеше повеќе од два часа а ја водеше републиканецот Дејна Рорабакер. Човекот кој ја шокираше Македонија во февруари годинава со изјавата дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и сега биле создадени сите околности нејзините делови да им се дадат на соседните држави, вклучувајќи го и Косово и Бугарија. Во своите прашања до Хојт Ји Рорабакер на два пати побара одговор дали американската дипломатија се мешала во внатрешните работи на балканските држави со поддршка за либералните сили како Сорос.

Хојт Ји не се согласи со ова тврдење и изјави:

“Последните обвинувања за активностите на Фондацијата Отворено општество и Сорос на Балканот се многу претерани. Владите на САД и ЕУ прават сопствени напори а не под влијание на било која личност или институција. Напротив, токму спротивно, поединци во невладините организации ја поддржуваат политиката на ЕУ и САД која се залага за владеење на право, почитување на човековите права и слободни медиуми во овие земји, незавосно судство. Имаше соработка со ЕУ и САД за некои проекти од Фондацијата Отворено општество во овие години, но на многу помало ниво од она што се претставува во моментов”, рече Хојт Ји.

Потоа Рорабакер праша дали Хојт Ји може да потврди дека има соработка со Сорос но дека таа не е многу голема. Одговорот на американскиот дипломат беше кус: “Да точно!”

Национализмот е во пораст на Балканот

Сепак најголемиот дел од дебатата се фокусираше на политичката ситуација на Балканот како и за руското влијание во нашиот регион.

Хојт Ји изјави дека национализмот е во пораст, има разделувачка реторика и пред регионот стојат многу предизвици кои можат да бидат закана за САД па оттука политиката на САД мора да биде поактивна.

“Доколку Западот продолжи да му го врти грбот на Балканот, земјите од регионот ќе почнат да гледаат кон алтернативи како Русија или Кина”.

Според него “растечкото влијание на Русија е со цел да се обесхрабрат земјите од Западниот Балкан на патот кон ЕУ и НАТО и да креира поголема зависност на тие земји од Русија”, рече Ји.

На забелешката на Рорабакер дека САД влијаеле на изборот на новата влада во Македонија Хојт Ји беше кус:

“Македонија сака членство во ЕУ и НАТО, и ние сме партнери и помагаме во таа насока. Се залагаме за владеење на правото, човековите права и слобода на медиуми. Тоа не секогаш е поддржано од владите“, рече Ји.

Тој повтори и тука дека е добро што Ѓорге Иванов дал мандат за нова влада и дека САД се залагале кај него да го даде мандатот:

„Во секоја нормална држава мнозинството добива мандат од претседателот за да дозволи формирање на влада. САД се залагаа кај Иванов да го почитува Уставот”.

По забелешката на републиканецот Џо Диогарди дека на Балканот луѓето се добри а владите се лоши и корумпирани, Рорабакер заклучи, во добриот и стар американски стил, дека за мир на Балканот треба да се работи со добрите а не со лошите.

И додаде дека треба економска соработка со Балканот и дека членовите на овој Поткомитет во август ќе допатуваат на Балканот за да утврдат самите каква е ситуацијата за следната дебата посветена на Балканот и политиката на САД.