Конгресменот од Мичиген, Пол Мичел, имаше можност од прва рака да ги слушне барањата на Македонците од САД за неменување на уставното име на својата татковина на мирниот собир во Стерлинг Хајтс, Детроит, организиран од Македонско-американска студентска асоцијација (МАСА).

„Нашето име е Македонија“, „’Не’ за преговорите за името на Македонија“, „Името Македонија не е на продажба“, му порачаа македонските студенти на Републиканецот и поддржувач на успешната претседателска кандидатура на сегашниот прв човек на САД, Доналд Трамп.

„Утрово бев среќен што се приклучив на македонско-американската заедница од (дистриктот – н.з.) МИ-10 на мирниот митинг за признавање на правото на Македонија на самоопределување. Посветен сум на одржувањето и на зајакнувањето на позитивни и заемно корисни односи меѓу САД и Македонија“, напиша Мичел на својот профил на „Твитер“.

Членот на Конгресот на САД ја слушна и државната химна на Република Македонија од грлата на младите Македонци и на нивните блиски и пријатели во исполнетата сала, момент што на пошироката јавност ѝ го направи достапен претседателот на Обединета македонска дијаспора, Методија Kолоски, преку неговата страница на „Твитер“.