Турските медиуми, во прв ред Хуриет, уште вчера пишуваа дека Перо Антиќ може да се врати во НБА, а сврзница за тоа им беше престојот на тренерот на Атланта, Мајк Баденхолцер на Фајнал Фор турнирот во Евролигата.
Дека конекција има, секако, затоа што Антиќ и Баденхолцер соработуваа кај Јастребите пред две години, но проблематични се бројките со кои евентуално, нашиот поранешен репрезенативец, би правел камбек во најсилната кошаркарска лига на светот. Имено Антиќ сезонава како стартер учествуваше во 11 од вкупно 35 средби на Фенербахче,  а во нив имаше просек од 4,2 поени и 2, 4 скока по натпревар, што не е ефект што носи во НБА, особено за 35. годишен играч на позиција 4.
Во истовреме за Антиќ кој, пред десет дена ја освои третата Европска круна, можно е да нема место ниту во Фенербахче за следната сезона бидејќи Жељко Обрадовиќ го носи Александро Мели, а Италијанецот игра на истото место на кое настапува Антиќ, за кој, пак, веќе се заинтересирале други европски клубови.