Кои се производите што треба да ги содржи минималната потрошувачка кошничка?

Кои се производите кои треба да ги содржи минималната кошничка, дали треба ревидирање на листата ? Ова се дилемите кои се отворија во јавноста по последниот Економско-социјален совет на кој немаше договор за зголемување на минималната плата. На истата седница „паднал“ предлог да се направи официјална потрошувачка кошничка која ќе биде формирана од страна на неколку членови од различни институции. 

Од ССМ, кои од 2010 година ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошничка, остануваат на ставот дека нивната пресметка е релеватна и одговара на реалните потреби на граѓаните. Формирањето на ново тело кое ќе ги прави пресметките го гледаат како обид да се минимизираат синдикатите и да не се зголемат минималната и останатите плати. 

Ако се споредат пресметките што ги прави Сојузот на синдикати и она што го правеше Државниот завод за статистика може да се забележи дека се речиси исти производите што влегуваат во потрошувачката кошничка, пренесува Фактор.мк

И двете кошнички ги содржат основните прехранбени производи како леб, брашно, тестинини, ориз, шеќер, кафе, какао, јајца, млеко, вино, пиво, безалкохолни и алкохолни пијалоци, кутија цигари, млеко, кисело млеко, јогурт, сирење и други млечни производи.

Во делот на овошјето, во пресметките на Државниот завод за статистика ставени се јаболкото, крушите, црешите, грозје, кајсиите и праските, тропското овошје, лубеницата и дињата и преработките од овошје, а истите овошја се сретнуваат и кај синдикалната потрошувачка кошничка со тоа што наместо тропско овошје посочени се бананите, лимонот и портокалите. Иста е ситуацијата и кај зеленчукот, месото и рибата. 

Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека нема да навлегуваат во тоа дали е потребна нова потрошувачка кошница, но според нив треба да се покачат платите согласно колективните договори. 

Професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје посочува дека потребно е да се направи отворена дискусија за системот на подготовка, да биде јавно презентирана, заснована на заеднички прифатлива методологија и да го одразува реалниот стандард на граѓаните.

– Секоја кошничка или алатка, која на било кој начин е поврзана со стандардот на граѓаните и нивните примања (минимална плата, пензија итн ), треба да биде подготвена на транспарентен начин, врз заедничка прифатена методологија, да го одразува реалниот стандардот на граѓаните во конкретната земја/регионот. Сите сакаме повисок стандард, но можностите се лимитирани и не треба да има никаков сомнеж и дилема околу нејзината улога и висина. Затоа голем дел од пресметката на овие кошнички во другите земји го прават државните заводи за статистика или институции кои имаат континуиран пристап до потребните податоци и го имаат потребниот капацитет, кредибилитет и експертиза за нивно редовно и одржливо пресметување – вели Треновски.

Според него, важно е и на граѓаните да им се презентира зошто се разликуваат и што одразуваат различните кошници (минимални, просечни, синдикални…)

Синдикалната потрошувачка кошничка се изработува од 24 февруари 2010 година, а дванаесет години подоцна констатирани се низа недоследности поради што ССМ во консултација со економски ескперти изработи новата методологија за пресметка на минималните месечни трошоци. 

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека делот со храна и пијалоци е преземен од Државниот завод за статистика и ги содржи истите 63 производи што ги имала синдикалната потрошувачка кошница и во 2010 година и во 2023 година. 

Извор: https://faktor.mk/koi-se-osnovnite-produkti-za-chetirichleno-semejstvo-sindikatite-baraat-rast-na-platite-rabotodavcite-promena-na-minimalnata-koshnicata