Кои се ефектите со ограничување на маржите и замрзнување на цените?!

Според владината одлука за ограничување на бруто профитните маржи и замрзнување на цените на дел од производите, маркетите веќе треба да имаат намалени цени. Па така, вработените во маркетите ги коригираат цените на дел од производите, откако стапи на сила владината одлука за ограничени маржи и замрзнување на цени. Се лепат нови етикети, а целиот процес треба да заврши за два дена, велат од државниот пазарен инспекторат. Граѓаните со душа чекаат да купат поевтино, иако некои се скептични дека ќе има реално намалување.

Се очекува поевтинување на околу 1 000 производи. Инспекторите се на терен. Екипирани во 50 тимови од кои 20 ќе контролираат во Скопје, а останатите во маркетите низ земјава. За непочитување на одлуките, казните се движат и до 10 000 евра. Комисијата за заштита на конкуренцијата откри картелско здружување, односно договарање на цените кај неколку ланци на маркети за што е поведена прекршочна постапка.

  • „Четири маркети и една стопанска комора, спротивно на Законот се договориле да не набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи. Се преземаат ригорозни санкции.“ велат од КЗК.

Лебот, брашното, јајцата, млекото, маслото за јадење имаат ограничени маржи од 5% до 30 април.

Од Управата за јавни приходи со бројки за работењето на осумте ланци на маркети за деновите:  20.02, 13.02 и 23.01.

Во четврток, 20.02.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 194,193,153 денари, а издадени се вкупно 393,976 фискални сметки.

Во четврток, 13.02.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 201,941,000 денари, а издаден се вкупно 396,331  фискални сметки.

Во петок, 23.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 186,319,280  денари и во тој ден издадени 377,253  фискални сметки.

Инаку, Законот за нефер трговски практики се очекува да стави ред со високите цени.