Ковачки: Наместо во Судскиот совет да предложуваат укинување судови, нека се загрижат за вмешаноста на судии во организираниот криминал!

„Да де, во отсечениот краен Исток нема потреба ниту од судови. Да ги укинеме. Досетливо, нема што. Таму не живеат луѓе, не се плаќаат даноци, таму нема криминал и нема спорови.“реагира преку фејсбук Драган Ковачки, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, по објавувањето на предлогот на Сашко Георгиев, член на Судскиот совет, дека е „крајно време да се преиспита судската мрежа во државата, а судовите во помалите градови да се укинат и да се претворат во судски одделенија на други поголеми судови“. Георгиев ова го предложи на седницата на Судскиот совет, одржана на 8 јули 2024 година, откако беше констатирано дека на огласот за избор на претседатели на основните судови во Крушево, Берово и во Делчево не се пријавил ниту еден судија!

Реагирајќи негативно околу ставот дека треба да се укинат основните судови во споменатите помали и други градови во Македонија, во својата објава на фејсбук Драган Ковачки натаму истакнува: Значи ќе патуваат граѓаните од Берово и Делчево до Кочани или Штип за судења и тоа по преубавите патишта, на кои постојано има одрони и со автобуси, што и не сообраќаат. Кај ви текнуваат вакви блескави идеи?

Треба да се запраша Судскиот совет зошто им е опадната довербата само на 1-2 проценти и да се загрижи за корупцијата и синџирите на организираниот криминал, во кои се директно вмешани судии, а не да ни теоретизираат и да измислуваат влажна вода.