Македонските репрезенативци во дресот на Барселона, Кире Лазаров и Борко Ристовски како да беа договорени за денешниот прес на клубот пред патување за Келн каде в сабота попладне ќе се сретнат со Вардар. Тоа ќе биде полуфинале од Фајнал форот во Лигата на ракометните шампиони, за кое двајцата наши, безмалку заеднички, нагласија дека е многу неизвесно. Можеби станува збор за коректност, можеби за познавање на состојбите, но тие тврдат дека нијанси ќе решаваат в сабота од 18 часот, па и во неделните средби.
“Се ќе зависи од тоа дали некој ќе има подобар или полош ден, од моменталната концентрација. Јасно е дека ќе решаваат детали” рече Ристовски кој уште во првата година со Барса дојде до завршниот турнир.
“Искуството од претходните години покажа дека не победува најдобриот секогаш. Всушност лани Кјелце го победи Веспрем, а пред три години Фленсбург го совлада Кил во финалето“ вели Лазаров кој е на излезна врата од Блау Грана, и секако сака трофеј за простување.