Министерството за трговија на Кина објави дека воведува царини против САД на неколку производи како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп. Кина истовремено објави и други мерки поврзани со трговијата, вклучително и истрага против Google, јави Ројтерс
Според официјалното соопштение, Кина ќе применува царина од 15 отсто за јаглен и течен природен гас и 10 отсто за сурова нафта, земјоделски машини и автомобили со голем обем. Оваа одлука доаѓа како одговор на американските царини наметнати од претседателот Доналд Трамп, кои стапија на сила утрово.
Новите царини за извозот од САД ќе стапат на сила на 10 февруари, соопшти кинеското министерство.
„Едностраното зголемување на царините на САД сериозно ги крши правилата на Светската трговска организација“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија. „Не само што не помага во решавањето на сопствените проблеми, туку и штети на нормалната економска и трговска соработка меѓу Кина и САД.
Царината од 10 отсто наредена од Трамп за Кина стапи на сила денеска, иако Трамп се уште планира да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг во следните неколку дена во обид да ги намали тензиите меѓу двете најголеми економии во светот.
Трамп предупреди дека може дополнително да ги зголеми царините за Кина доколку Пекинг не го запре протокот на фентанил, смртоносен опиоид, во Соединетите држави. „Се надеваме дека Кина ќе престане да ни испраќа фентанил, а ако не, тарифите ќе бидат значително повисоки“, рече тој.
Трамп синоќа го одложи воведувањето тарифи за Мексико и Канада, а со царини и се заканува и на Европската унија.