Украина покани високи европски претставници во Киев на 9 мај како демонстрација на дипломатска сила против годишната воена парада на Русија на Денот на победата во Втората светска војна.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска упати повик до своите колеги од Европската унија за време на собирот во Луксембург, барајќи од нив „да го покажат нашето единство и одлучност пред најголемата агресија во Европа по Втората светска војна“.
„Зеленски сака да биде домаќин на лидерите на 9 мај од коалицијата која е подготвена да даде безбедносни гаранции за Украина по постигнувањето договор за можен прекин на огнот со Русија“, додаде Сибиха.
Извори за „Политико“ изјавија дека во тек се разговори шефовите на држави на ЕУ да ја посетат Украина на почетокот на мај, вклучувајќи го и идниот германски канцелар Фридрих Мерц, иако точната локација не е прецизирана.
Рускиот претседател Владимир Путин ги покани лидерите на Србија, Израел, Кина, Бразил и Словачка да му се придружат во Москва за да ја прослават 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, но САД, како и повеќето земји од ЕУ, не се поканети.
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш и некогашниот француски претседател Жак Ширак присуствуваа на воената парада на Црвениот плоштад во Москва во 2005 година, но ниту еден западен лидер не присуствуваше во последните години.