Каубоецот, нинџата, претседателот

Пишува Драган Милосављевиќ

Своевремено познавав човек, тука во едно од скопските маала, кој од некакви причини сакаше да биде каубоец. На улица излегуваше строго со каубојска шапка на главата, чизми со мамузи на нозете, шамија на вратот и голем колан на фармерките. Одеше со малку подраширени колена небаре само што се симнал од коњот, а десната рака му беше постојано подготвена да го извлече замислениот пиштол од празната футрола која висеше н коланот.

Маалските луѓе прво се чудеа и потсмеваа, а потоа некако се навикнаа на овој чуден „каубоец“ и го прифатија како таков. Дури, мислам дека на извесен број девојки им се допаѓаше убаво градениот занесеник и тој запиша убави љубовни успеси во својата мемориска картица.

Потоа, со текот на годините „слава“ помина, но не и стилот на прериски коњаник и тој, иако се разбира никогаш не јавал коњ или магаре, иако со ласо не уловил ниту мачка, а од вистинско оружје бегаше како Ахмети од руско влијание, засекогаш си остана локалниот каубој во потрага по црвен град на хоризонтот во кој ќе може да биде закон и правда, сал Док Холидеј, Шејн или Човекот кој го уби Либерти Валас.

Верувале или не, во сосема друга скопска населба постоеше момче со цврста желба сите да го доживуваат како нинџа. На грбот врзана футрола а во неа детски меч, секогаш облечено во црно и со маичка преку лицето со издлабени дупки околу очите. И тој егзотичен лик беше предмет на чудење па и страв извесен период, особено пред да се утврди дека мечот не е вистински и дека не е во состојба да повреди никого.

Се најдоа и такви наивни елементи кои кратко време го следеа нинџата како учител, па можеа да се видат на една ливада како вежбаат фрлање со ѕвезди додека „учителов“ ги тепаше со мечот по грб незадоволен од нивните обиди да го следат во нинџа-потезите. Нормално, момчето, ниту некогаш вежбало со вистински нинџи, ниту знаеше било какви зафати по кои се познати овие воини, но упорно остана во таа гардероба долго време, а граѓанството се согласи да ја игнорираа оваа негова опсесија или благо да му дава кураж да продолжи да се глупира.

А веќе пет години во елитната скопска населба Водно живее човек кој ужива во улогата на претседател. Без поговор, тој навистина победи на избори и беше избран за шеф на државата што несомнено го разликува од каубоецот и нинџата. Притоа, ако така може да се каже, се облекува како претседател, држи фризура како што доликува на претседател и кога зборува има поза на претседател.

За да биде впечатокот потполн тука се кабинетот, обезбедувањето и целата останата претседателска свита па дури и по некоја, додуша ретка, средба со странски претседатели на која куртоазно и шеретски се делат поздрави, шеги и досетки.

Но тоа е само форма. Во суштина нема ништо.

Стево Пендаровски во текот на својот мандат ниту еднаш не покажа државнички формат, ниту еднаш не покажа самостојност и храброст да се оттргне од канџите на Заев и Ковачевски и воошто не се ни обиде да ги слушне мислите на граѓаните, од кои сега бара повторно да му го дадат својот глас. Претседателот не се нурна во длабочините на народната душа, одби да го разбере а камоли да се поистовети со македонскиот селанец, работник, имигрант, сиромашен невработеник, честит граѓанин. Остана во својот елитистички меур целосно некадарен да го види општото незадоволство поради политките на власта со која тој самиот со задоволство се идентификуваше.

Ги остави на цедило Македонците во Бугарија, Грција и Албанија, плукна врз правдата потпишувајќи ги срамните измени на Кривичниот законик, молчеше или дури и јавно го оправдуваше Заев додека овој купуваше пратеници и плантажи за марихуана, а продаваше историја, јазик, идентитет. И сега бара втор пат да биде избран за претседател.

Му се допаднала улогата, како некогаш на каубоецот и нинџата од мојата младост. Би сакал и натаму да трае истиот филм во кој ќе биде една од главните фаци, но нема да преземе никаква одговорност кога ќе дојде до криза а поданиците ќе бараат водач да ги извелече од провалијата.

Е така не може понатаму.

Ако тој не знае или не сака да биде вистински татко на нацијата, тогаш ајде да се обидеме со мајка. Нежна, а цврста и непоколеблива. Мудра. Упорна. Апсолутно бескомпромисна кога се работи за нејзиното семејство, во случајов за нејзините сограѓани. Досегшниот претедател нека замине во историјата како каубоецот и нинџата. Му се направи мерак, ја одигра лошо улогата и доволно беше. За доброто на сите.