Касами: Законот за јазиците не им одговара на Албанците, но мора да се спроведува – Уставниот да не се занимава со политички прашања

На 20 март 2025 година Уставниот суд ќе одржи консултативна седница во врска со законот за јазиците со учество на експерти од таа област. Од коалицијата Вреди велат дека „законот не ги исполнува барањата на Албанците“, но и оти „сепак треба да се спроведува таков каков што е“. Билал Касами од Беса рече дека „Уставниот суд не треба да се занимава со политички прашања“. Ова го објави ТВ 21.


Телевизијата натаму истакнува: „Уставниот суд не треба да се занимава со политички прашања. Законот за јазиците како таков не одговара на барањата на Албанците, но мора да се спроведува. Сметаме дека Уставниот суд има и други многу важни прашања, што мора да ги реши во однос на уставноста. Во оваа насока, ако се разговара за Законот за јазиците, се надевам дека Уставниот суд ќе донесе одлуки во однос на неговото спроведување и оти овој закон ќе биде практичен во интерес на Албанците и другите заедници.“ – изјави Билал Касами.

Европскиот фронт упати повик „да не се чепка албанскиот јазик“. Пратеничката од албанската опозиција, Илире Даути рече дека „фактот да се остави отворено уставното прашање за Законот за употреба на јазиците за неа претставува директна закана за Албанците да се чувствуваат несигурни во употребата на албанскиот јазик“.

„Дека многу конкретни прашања не ги оставија на правдата, тоа веќе го докажаа, почнувајќи од сериозните прекршувања, што ги направија, од укинувањето на балансерот, кој следуваше, и со укинување на правото за да се декларира етничката припадност. Сето ова е напишано во програмата на ВМРО ДПМНЕ, затоа секој обид да се глуми дека овие прашања се препуштени на правдата се само неуспешни обиди бидејќи го докажаа спротивното.“ – посочува Илире Даути.

На почетокот на декември минатата година се одржа првото рочиште во Уставниот суд на иницијатива на 13 субјекти, меѓу кои Левица и ВМРО-ДПМНЕ, против Законот за јазиците. Тој период беше проследен со протести организирани од Европскиот фронт, испраќајќи пораки „да не се чепка овој закон“, кој според нив беше „еден од темелите на Рамковниот договор по судирот во 2001 година“.