Касами до Заев: Нема да дозволиме нов диктатор

Билал Касами му порача на Зоран Заев дека Албанците во Македонија нема да дозволат тој да стане нов диктатор во државата.

„Зоран Заев треба да знае дека ДУИ беше половина од режимот на Никола Груевски, против волјата на Албанците во Македонија, кои или ќе бидат правно еднакви во оваа држава или оваа земја нема да постои. Затоа, никогаш нема да дозволиме нов диктатор“, напиша лидерот на движењето БЕСА на својот профил на „Фејсбук“ како реакција на поддршката од СДСМ за ДУИ во вториот круг на локалните избори.


Касами, чија партија договори соработка со Алијанса за Албанците на Зијадин Села на 29 октомври, го обвини Заев за кршење на препораките на германскиот експерт Рајнхард Прибе со промовирањето на кандидатите на ДУИ и со учеството на партиски собири за време на изборите како премиер. За првиот човек на БЕСА, тоа е спротивно на укажувањата на Прибе за „одвојување на партијата од државата“.

„Иако е свесен дека ДУИ и понатаму ќе го има истото водство од времето на двопартискиот режим што ја ‘узурпира’ државата, премиерот избра да биде на страната на оние кои еднаш ги нарече криминалци“, додава Касами во пораката.