Претседателот на движењето Беса, Билал Касами, ги отфрли тврдењата од политичките противници дека се финансираат од Турција и од Катар.
„Сега имаме државна контрола, која контролира како се финансира партијата. Финансиските извештаи се јавни и постои евиденција и за донаторите и за членството. Беса е најчистиот политички субјект. Ние немаме моќ да ги уценуваме бизнисмените и младите, барајќи од нив пет илјади евра за вработување. ДУИ има кампања десет пати поскапа од движењето Беса и од другите партии“, изјави Касами во емисијата „Дебат Д плус“ на косовската РТВ Дукаѓини.
Вчера и Амбасадата на Катар во Скопје демантира дека на каков и да е начин е вклучена во изборниот процес во Македонија, како реакција на написите во медиуми на албански јазик дека милијарди долари ќе се слеат од оваа земја во општините во кои ќе бидат сменети досегашните „криминогени“ структури.