Касами: Ахмети треба да одговара за она што им го направи на Албанците

ДУИ уште го нема дадено одговорот на 20 години коруптивно, криминално владеење со државата и непретставување на Албанците. Сметам дека комуникацијата со ДУИ би била можна откако таа партија ќе даде отчет и ќе се реформира, вели Биљал Касами, претседателот на БЕСА

-Значи, јас сум го кажал тоа неколку пати. Јас ценам дека Али Ахмети треба да одговара за тоа што им го направи на Албанците, за злоупотребата на позициите на неговите функционери, на неговите блиски членови на фамилијата. ДУИ треба длабоко да се реформира, па од после треба да видиме за можни канали на комуникација, вели Касами.

Во однос на тоа што всушност бара Таравари, а што е прифатливо за ВЛЕН кога станува збор за распределбата на градоначалничките места и советничките листи, претседателот на БЕСА вели дека не е тоа причината.

-Ако ние му дадовме пет загарантирани пратенички позиции во листите, ние бевме спремни да му дадеме исто предност во делот на позициите во локалните избори. Дали за градоначалници, дали за советници. Но, инсистирањето да се оди посебно на листите и што останува во тие позиции, за нас оди во прилог на ова што го кажуваме цело време – давање на уште една можност на ДУИ да се врати. Затоа што сепак ова се локални избори. На локални избори политичката позиција, односно вредноста на политичкиот глас се листите. Затоа што таму се гласа за листа на партија или на коалиција. Во делот на кандидатите, граѓаните повеќе избират личност. Ние цениме дека или ќе излеземе заедно и за градоначалници, и за советнички листи, кандидатите ќе бидат на коалицијата ВЛЕН или било кој што има друга комбинација, тоа не е комбинација на коалицијата ВЛЕН, потенцира Касами.