Каракачанов: Со Македонија ништо не нè дели, сè ни е заедничко

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов во интервју за Бугарска национална телевизија (БНТ) ги повтори ставовите за заедништвото со Македонија во секој поглед.

„Вистината е дека нас со Македонија ништо не нè разделува. Имаме заедничка историја, имаме заеднички јазик, имаме заеднички национални херои, па зошто да немаме и заедничка иднина во Европска унија?“, изјави тој.


Каракачанов го обвини претходниот македонски премиер Никола Груевски за антибугарска политика.

„Таа антибугарска и антиевропска тема беше залог на бившиот премиер. Груевски се внесе во некакви античкомакедонски измислици. Секој комплексиран политички лидер сака неговото стадо да го ограничи со нешто, да го идеологизира со нешто, со некаков идентитет. Кога Груевски и неговиот тим ја раководеа Македонија доста долго време, 9-10 години, си ги поставија како свој приоритет личните економски интереси, а не интересите на државата. Кампањата на Груевски, кој контролираше 90 проценти од општините во Македонија, заснована на антибугарска карта, не проработи на локалните избори. Сега имаат три општини, една со независен кандидат“, објасни лидерот на софиската ВМРО.

Тој тврди дека односот на луѓето во Македонија кон Бугарите се променил на подобро, вклучувајќи го и тој на СДСМ, благодарение на Зоран Заев, поткрепувајќи го тоа со објаснувањето дека „во кој град или село во Македонија да отидете, ако не в кафеана, тогаш на улица, кога ќе кажете дека сте од Бугарија веднаш ќе ви речат ‘имам братучед’, ‘моите деца се во Софија, учеле, завршиле и работат во Софија’ итн.“.

На констатацијата на водителот дека, сепак, во Македонија пораснаа генерации со други ставови и оти во центарот на Скопје зборуваат поинаку, Каракачанов со „медицинска дијагноза“.

„Кога има бацил влезен во мозокот на некои луѓе, нема оперативен зафат што може да се направи. Јас сум доктор по меѓународното, не сум доктор по психијатрија!“, рече тој.