Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов вчера во Скопје ни откри со какви проблеми и понижувања ќе се соочиме во обид да го спроведеме договорот за пријателство со Бугарија за да ја добиеме поддршката на Софија за НАТО и ЕУ.

Каракачанов вчера одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има промени во идеологијата и во неговите ставови во врска македонското малцинство во Бугарија по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, рече дека темата е многу долга и дека за секој што се интересира за историјата на македонското прашање може да даде „специјални лекции“ како историчар, но дека е дојден во Македонија како министер за одбрана.


– Отсекогаш сум сметал дека не треба да се измислуваат проблеми таму каде што нема, таков проблем во Бугарија нема. Тука сум во улога на министер за одбрана. Ако сакате да водиме историски разговори ќе зборувам во улога на историчар. Вакви теми не се во корист за добрите односи меѓу двете земји – рече тој.

Каракачанов кој целата своја политичка кариера ја темели на македонското прашање и тезата дека не постојат Македонци како народ различен од Бугарскиот, вчера во Скопје ги потврди стравувањата дека преговорите кои што ќе ги води специјалната експертска комисија во која ќе има и историчари ќе бидат мачни и понижувачки за Македонија.

Каракачанов со изјавата дека „ваквите теми не се добри за Македонија“ ни најави дека двете комисии и историчарит во нив ќе имаат сериозен проблем да дојдат до некаков договор што е прифатлив за двете страни.

Доколку Македонија не се согласи со бугарската теза според која македонската нација е создадена по втората светска војна од страна на Тито и Коминтерната постои сериозна опасност договорот за пријателство да пропадне.

Според текстот на договорот министрите за надврорешни работи еднаш во годината ќе се среќаваат и ќе решаваат дали тој се спроведува. Неприфаќањето на бугарските барања Македонците пред 1945 година да се прогласат за Бугари ќе значи колапс на договорот.

Потпишувањето на договорот е основен предуслов за бугарската помош во евроинтеграциите, без него Македонија повторно ќе се соочи со блокади од Софија како што тоа беше на неколкуте последни собири на највисоко ниво во НАТО и ЕУ.