Кандидатка за судот за човекови права права во Стразбур е судијката Габриела Гајдова која пред неколку години пресудила 18 години затвор за сообраќајка и 6 години за фамозниот случај со ќебапите.
Сега Стразбур ќе треба да бира меѓу неа, обвинителката Ленче Ристовска и адвокатот Јордан Апостолски за македонски претставник во Судот за човекови права.
Откако Гајдова во 2023 година дала драконска казна која обично се дава на ладнокрвни убијци Апелациониот суд од Скопје ја намалил затворската казна од 18 на осум години на возачот кој возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и тешко ја повредил нејзината мајка.
Според ТВ Телма, Гајдова, првата соработничка на Катица Јанева, Ленче Ристовска, и братот на адвокатот Антонио Апостолски се избрани по спроведени 12 интервјуа со кандидати, кои претходно се исфилтрираа од 21 пријавен.
Овие три имиња се конечната одлука на Комисијата за избор за делегиран судија од земјава во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Меѓу кандидатите биле и поранешната директорка на Академијата за судии и обвинители, Наташа Габер Дамјановска и членот и поранешен претседател на ДИК, Александар Даштевски.
Денеска Комисијата ги слушна ставовите на преостанатите четворица кандидати. Листата од тројца избрани ќе биде доставена до Владата за избор – најдоцна до сабота и до крајот на законскиот рок.
Два посебни критериума, посебни услови кои се нагласуваат од страна на Советот на Европа се моралноста и квалитетот. Овие услови се без можност за алтернатива.
Претходно, членот на Комисијата, Осман Кадриу изјави дека е задоволен од квалитетот на кандидатите кои се пријавија за функцијата во Стразбур, со мандат од девет години.
„За функција судија на Европскиот суд се бара кандидатот да поседува високи морални квалитети. И таа околност мора да се цени. Неслучајно се бара, затоа што лицата кои ќе бидат избрани за судија претставуваат олицетворение на државата“, изјави уставниот судија, Осман Кадриу.
Откако Владата ќе ја потврди листата на тројцата кандидати за судии во ЕСЧП и ќе ја испрати до Стразбур, потоа селекционата постапка продолжува во Советот на Европа.
„Кандидатите од листата што македонската влада ќе ја испрати до Советот на Европа, потоа ќе имаат интервјуа пред комисија од СЕ, а конечно ќе биде избран еден кандидат за судија во ЕСЧП од парламентарното собрание на СЕ“, ја објаснува за Мкд.мк понатамошната селекциона постапка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.
Во јануари, 2026 година му завршува мандатот на Јован Илиевски, досегашниот претставник на Македонија во Европскиот суд за човекови права, пишува Телма.
Габриела Гајдова како судијка во Апелација беше дел од контроверзниот случај со Скопски пазар каде деновиве повторно се случи сомнителна ситуација.
Од едицијата: Зошто Мицкоски мораше да се справи со огромната моќ на Судскиот совет – Рак Рана на македонското правосудство