„Како да преговараме за да се откажеме од тоа што сме“: Владиката Петар за томосот од Вселенската патријаршија

Владиката Петар вели дека во моментов нема преговори со Вселенската патријаршија поради неприфатливите барања за томосот за Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).



„Нема што да преговараме за нешто за што не може да се преговара. Ние можеме да преговараме за работи за кои се преговара. Сега, како да преговараме за тоа да се откажеме од тоа што сме. Па, мислам дека истата приказна е и за влезот во ЕУ. ‘Влезете во ЕУ, но не како Македонци, не како македонска нација, не како македонска земја, не како македонски народ’. И какви на крај? Никакви!“, вели митрополитот преспанско-пелагониски за Сител ТВ.

Фанар, објаснува тој, не само што бара да не се именуваме како Македонска православна црква, туку само како Охридска архиепископија, потоа да не се именуваме како Македонци и трето, ја бара во владение целата наша дијаспора, „што е апсурд, бидејќи таа е изградена и создадена од Македонците кои живеат надвор од државата“.

Едно од барањата на Цариград било и признавање на Православната црква на Украина, на која Вселенската патријаршија ѝ даде томос пред неколку години.

„Мнозинствоот цркви не сослужуваат со неа, дури ни 20 манастири на Света Гора, а само четири ја признаваат. А тие манастири се под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Така што, ние не се ставаме на ниту една страна, ниту на Москва, ниту на Србија, ниту на Грција, туку на страната на православието, на каноните. Каноните не го дозволуваат тоа кое што од нас се бара. И тука проблемот е јасен и конкретен – дека ние нема да отстапиме од каноните и ќе се бориме за единството во православието“, нагласува владиката Петар.