Каде сте „македончиња“? – Колумна на Роберт Димитриевски

„Брука!“, да го искористам коментарот на претседателот на Здружение на новинари на Македонија, Насер Селмани, за фамозното самоповредување на полицајката Јасмина Јаначковска при интервенцијата на пајак-службата околу непрописно паркираното возило на високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, на Бит Пазар. Нема посоодветен израз од тој што го употреби Селмани за да се опише саботирањето и игнорирањето на вчерашниот мирен собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје како дел од протестите на Македонците во 15 града на три континента минатиов викенд во одбрана на уставното име на својата татковина и на сопствениот македонски идентитет и јазик.

Дента кога само во четири града во Австралија маршираа 70 илјади Македонци, овдешниве најголеми македонски партии се занимаваа со – 8 март?! Меѓународниот ден на жената најдоа да го одбележат четири дена порано, едните во Куманово, другите во Скопје, и тоа токму во исто време со семакедонскиот протест најавен повеќе од еден месец претходно за 4 март. Значи, можеа и ден претходно, исто така неработен, а ништо немаше да им недостига тоа да го сторат и во овие неколку работни денови до празникот, но не, тие, онака ептен патриотски, запнаа баш за време на протестот во главниот град. Случајно да не залута некоја членка на скопскиот плоштад меѓу небањатите, ем националисти.

Со сета должна почит кон понежниот пол, но како тоа наеднаш правата на жените станаа поважни од тие на целиот (македонски) народ? Ајде оние што продефилираа во Куманово си имаат поинаква агенда и за народот и за државата, ама па овие што сакаат да ги заменат на власт беа само на двесте метри од плоштадот и додека реки народ се слеваа кон „Воинот на коњ“, тие „маршираа“ во спротивен правец – кон Македонска опера и балет?! А на истите тие сограѓани загрижени за својата и за иднината на оваа земја и на својот народ, од кои се оградија и на она снежно невреме во вторникот, утре ќе им ветуваат кули и градови кога ќе ги бараат нивните гласови…

Се думам, се шестам, но од „брука“ поадекватен збор не можам да најдам ни за самозамислената елита од македонската естрада и од актерската фела. Како што се пожали и самиот организатор на скопскиот собир, биле поканети, но на прсти можеа да се избројат звучни имиња што се качија на бината и запеаја или изрецитираа нешто пригодно пред своите сонародници. Имаа, веројатно, попаметна работа од тоа да му ја крепат напатената душа на народецот збран од мака, од чемер и јад што му посегаат по генот македонски. За утре да поитаат по аеродромите за да ѝ испеат или да ѝ одглумат нешто патриотско на дијаспората за по некое илјадарче во долари или евра или да се нацртаат пред Министерство за култура со барање за субвенционирање на некоја нивна творба. Се разбира, со парите што ги одвојуваат од уста за данок истите тие што гордо и простум стоеја, пееја и громогласно, одново и одново, ѝ го скандираа името на својата родина, која на некој друг, очигледно, му значи колку ланскиот снег.

Оттука и намерната грешка во насловот со зборот „македончиња“, кој македонскиот правопис налага да се пишува со голема буква. Жалам, но ни оние споменати погоре, ни овие посочени по нив, не заслужуваат ни голема буква, ни идентификација со поим што не би бил во деминутив. За да бидат именувани со Македонци (со големо М) може само да сонуваат додека им робуваат на своите ситни души, на сопствениот конформизам, на партиската тесноградост додека со нашата заедничка „партија“ Македонија играат партија покер самоповикани спасители и лажни европеизатори, на стравот од губење тезгиче или проектче, однесувајќи се како во онаа „село гори, баба се чешла“.

За својата држава и народ се пее, се глуми или се протестира од љубов, од чувство за припадност, од почит кон корените, од одговорност за идните поколенија, а не за пари или за привилегии. Тоа го знае секој Македонец (со големо М), кој одамна расчистил со „македончето“ во себе.