Каде исчезна најавуваната ботаничка градина во Карпош?!

Наместо ботаничка градина на шест хектари со растенија од различни видови, просторот спроти населбата Карпош 4 во Скопје кај спортско-адреналинскиот парк остана празно заедничко ветување на општината и градот, објави Алсат. Единствена активност што досега медиумски е забележана е од пред четири години кога имаше некакво рамнење на просторот од страна на општината, но се остана на тоа, а сега местото повеќе личи на дом за кучиња скитници и змии.

Изградбата на зелениот парк пред населбата Карпош 4 беше планирана да се гради до 2025 година со цел да се зголемат зелените површини за 15 отсто во овој дел на Скопје. Во координација со Град Скопје беше планирано да се изгради ботаничка градина и рекреативни објекти на површина од 60.000 м2, а целта беше да се подобри квалитетот на урбаното живеење во Карпош. Некои од граѓаните кои често минуваат го заборавија ветувањето за паркот од соништата.

Општина Карпош пред година и пол достави до Град Скопје проект со параметрите за изградба на споменатиот парк. Исто така, донесени се сите соодветни одлуки од страна на Советот на општината за да му се овозможи на градот овој проект да го реализира на територијата на Општината. Досега немаме информации зошто не е почната изградбата на паркот“, велат од Општина Карпош за Алсат ТВ.

Од град Скопје нема одговор во врска со овој проект кој пред многу години во политичка кампања го промовираше тогашниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев.

Овој парк ќе има рекреативни содржини и разновидни спортови и ќе биде во функција на граѓаните на Карош 4, Карпош 3, Злокуќани, Влае 1 и други населби“, изјави тогаш Богоев.