И странци ќе можат да бидат на офицерски позиции во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој им се дозволува на странците и на лицата без државјанство да потпишуваат договори за служба во Вооружените сили на Украина(ВСУ) на офицерски позиции, пренесуваат медиуми.

Странските граѓани ќе можат да потпишуваат договори со ВСУ, Националната гарда и Државната специјална транспортна служба и да заземаат офицерски позиции.

Пред тоа, пак, ќе треба да поминат проверка, за што ќе се формира Центар за регрутирање странци.

Волонтерите ќе се проверуваат дали легално ја преминале границата и се наоѓаат во Украина, дали се доведени под административна или кривична одговорност во земјата и дали учествувале во разузнавачки и субверзивни активности на странски држави против Украина.

Во август, украинскиот парламент усвои нацрт-закон со кој се поедноставува стекнувањето украинско државјанство од странски доброволци кои се борат на страната на украинските вооружени сили.