Најдоброто од македонскиот фудбал од осамостојувањето на земјава репрезентацијата до 21. година која низ трнливи и за нас прв пат, успешни квалификации стаса до завршницата, денеска заминува за Полска. Дебито на овие шампионати ќе го имаме од сабота кога младите црвено жолти во Гдиња ќе се натпреваруваат во групата Б со Србија, Шпанија и Португалија.
“Одиме да уживаме, но и да потврдиме дека ништо не е случајно. Дека во македонскиот фудбал има иднина”, рече селекторот Благоја Милевски непосредно пред тргнувањето на експедицијата.
На средбата со новинарите пораки до оние што постојано беа со нив, а тоа се навивачите и целата фудбалската јавност испратија и столбовите на нашата игра Давид Бабунски и Ѓоко Зајков.
“Веруваме во нашите сили и знаење, и подготвени сме да се надигруваме со сите што ќе застанат пред нас”, вели Бабунски кој треба одново да ја носи оваа екипа, а вториот лидер Зајков додаде дека докажале дека поседуваат квалитет и дека нема причина да се стравува од кој било противник.


Натпреварите на Македонија на младинското Европско фудбалско првенсвто се по овој редослед:
17 јуни:
МАКЕДОНИЈА 20.45 ШПАНИЈА
20 јуни:
МАКЕДОНИЈА 18.00 СРБИЈА
23 јуни:
МАКЕДОНИЈА 20.45 ПОРТУГАЛИЈА
Првакот на групата Б, како впрочем и тие од групите А и Ц одат во полуфиналето каде место ќе има и за најдобрата второпалсирана селекција.