И романскиот претседател посака да е шеф на НАТО

Романија ги извести сојузниците во четвртокот дека претседателот Клаус Јоханис размислува да го предизвика фаворитскиот кандидат Марк Руте за ген-сек во НАТО, објавија Блумберг и Политико.

Потегот на Јоханис во последен момент доаѓа откако најголемите сили во Алијансата од 31 земја веќе најавија поддршка за Руте во изминатите 24 часа.

Велика Британија, Германија и Франција рекоа дека го поддржуваат холандскиот премиер во заминување како наследник на Столтенберг.

Претставниците на НАТО стравуваат дека доцното влегување на Јоханис може да се смета за обид за поделба на единството на Алијансата, која веќе е под закана од потенцијалното враќање на Доналд Трамп како претседател на САД.

Околу 10 земји не најавија поддршка за Руте, но ќе им биде тешко отворено да го оспорат преферираниот кандидат на американскиот претседател Џо Бајден.