И пред одигрувањето на натпреварот со Чешка (20.45 Борис Трајковски) јасно е дека најдобрите македонски ракометари ќе играат на петто ЕП, четврто врзано, откако во средбите од 6. коло во преостанатите 6 групи завршија како што ни одговара. Еве ја математиката за третото место, кое е резервирано за 16. учесник на шампионатот покрај домаќинот Хрватска и 14. селекции кои ќе бидат први или втори во своите конкуренции.
Македонија би можела да заврши со два бода (доколку кај нас второпласиран е Исланд) или со три (ако пред нас се најде Украина), а против себе на табелата за најдобриот третопласиран тим би ги имала селекции како БиХ и Холандија, кои се без бодови, или Португалија, која има само еден бод против селекциите кои завршија пред неа на табелата.
По два бода, исто колку и Македонија (а тоа би било во најлош случај за нас) би имале и Русија, Романија и Литванија, но тие имаат очајна гол-разлика, така што избраниците на Раул Гонзалес само не смеат да доживеат пораз од десет гола разлика, по што би се нашле на претстојниот континентален ракометен собир.
Според тоа вечерва во Скопје против Чешка растоварени играме за првото место во групата 4 во квалификациите за ЕП, а не не интересира многу ниту резултатот од мечот што во исто време го играат Исланд и Украина.