Повеќе од потребните две третини пратеници, поточно 88 пратеници, ноќва по полноќ во Собранието ги изгласаа Измените  на Законот за организација и работа на органите на државна управа кои во средата (5 јуни) ги предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање влада Христијан Мицкоски.

За да ја има поддршка од дел од опозицијата, во текот на вчерашниот ден ВМРО-ДПМНЕ постигна договор со ДУИ со кој, како што беше објаснето, за возврат ќе се формира ад хок комисија во Собранието која ќе ја следи правичната застапеност во органите на државната самоуправа.

На чело на ова тело ќе биде пратеник од опозицијата.

„Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност.

Секако како две сили кои имаат легитимност и коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Европскиот фронт денеска разговаравме со една цел вознемирувањата коишто ги имаме во делот на инспекторатот за албанскиот јазик и за други институции кои се дел од овој закон“, рече координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети од ДУИ, објаснувајќи зошто решиле да гласаат „за“.

Пратениците од СДСМ и Левица се противеа на законските измени и начинот на кој се носат тие – во скратена постапка, без анализа и дебата и без вклучување на експертската јавност.

Негативен став за измените, претходфно искажа и лидерот на отцепеното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села…