Некогашниот портпарол на грчкото МНР а подоцна европратеник од редовите на Неа Демократија, Јоргос Кумуцакос не гледа можност за влез на Македонија во НАТО и почеток на преговори за влез во ЕУ доколку северниот сосед не ги прифати грчките црвени линии.
Кумуцакос кој сега е одговорен за надворешна политика во Нова демократија, а по наредните избори кои речиси сигурно ги добива неговата партија ќе биде министер за надворешни работи не гледа како би дошло до промена на одлуката од Букурешт доколку Македонија не попушти.
Овој став тој му го искажал на министерот Никола Димитров со кого се сретнал вчера во Атина. Неговата партија која води на анкетите во Грција бара прво решение за името па дури потоа влез во НАТО.
„Ние веруваме во потребата за заеднички прифатливо решение за името. Веруваме дека тоа може да се случи и тоа за брзо време, ако постои вистинска позитивна политичка волја. Токму бидејќи веруваме во потребата за заеднички прифатливо решение сметаме дека политиката од Букурешт, изразена преку едногласната одлука од НАТО, останува силна“, изјавил Кумуцакос по средбата со Димитров јавуваат грчките медиуми
Кумуцакос го поздравува тоа што новата македонска влада испраќа пораки на конструктивност што не било случај со предходната влада во Скопје. Сепак според него новата попозитивна клима меѓу двете земји не е доволна за надминување на спорот и евроатланска интеграција на Македонија.
Предходно слични пораки за иднината на македонско грчкиот спор за името испратија и шефот на дипломатијата Коѕиас и амбасадорот Александрос Маљас кој е еден од творците на времената спогодба и референцата ФИРОМ.
Во целата ситуација предност за Грција и покрај можниот притисок од САД и Германија е што Русија индиректно порачува дека би можела да го промени ставот за признавање на уставното име на Македонија.