Иако во Грција со закон е забрането учество на униформирани припадници на безбедносните сили на политички собири и на манифестации неорганизирани и неподдржани од државата, евидентно беше масовното присуство на припадници на грчката армија на завчерашниот митинг во Солун против зборот Македонија во името на северниот сосед.
Грчки војници не беа само гледачи, туку и активни учесници на протестот – маршираа пред повеќе десетици илјади демонстранти на плоштадот во најголемиот град во Северна Грција, носејќи знамиња и пеејќи песни, по што се построија пред споменикот на Александар Македонски, па дури и му салутираа?!
Учеството на војници на протестот на кој, според проценките на полицијата, присуствуваа 90.000 луѓе, испраќа спротивна порака од таа на грчката Влада и на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кои се оградија од митингот.
Оттука, се поставуваат прашањата кој им дозволил на униформираните членови на армиските сили да учествуваат на митингот, дали тоа го сториле на своја рака и ќе бидат ли казнети за прекршување на законот и тие и нивните претпоставени?
Mакедонската Влада, пак, реши да не упати протестна нота до официјална Атина, како што побара опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, ограничувајќи се само на кусо соопштение на Министерството за надворешни работи, во кое случувањата во Солун во неделата ги окарактеризира како „изолирани инциденти“.
На грчките војници не им е првпат да манифестираат нетрпеливост кон Македонија и кон Македонците. Пред неколку години на воена парада во северниот дел на Грција припадници на специјалните единици извикуваа слогани дека ќе им ја дерат кожата на „Скопјаните“ и на Албанците, и тоа пред претседателот на Грција.