Иџе одличен и на крајниот запад на Европа

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски беше еднаш четврти, а во вториот случај заврши на третото место во трките од ЕТЦЦ шампионатот одржани денеска во Виља Реал во Португалија.

Иџе остана без подиум по првата трка поради судирот со Хозе Родригез во финишот. Македонскиот натпреварувач ја загуби контролата врз своето возило, Португалецот ја искористи ситуацијата што ја предизвика и како трет мина низ целта. Најавена е, сепак, истрага за инцидентот и не е исклучена можноста да следува казна за Родригез и враќање на Стефановски на третото место по административен пат.

Откако првата трка ја заврши како четврти Стефановски Иџе имаше повеќе среќа во вториот натпревар. Имено трката мораше да биде прекината предвреме по одлука на Контролата поради инцидент на патеката. Така, втората трка наместо по 13 круга, мораше да заврши по само шест, поради инцидентот кој го имаше швајцарскиот автомобилист Шрајбер, кој патем е лидер во генералниот пласман.

Победата ја однесе Унгарецот Давид Сабо, водечки во момент на прекинот, пред Бугаринот Пламен Кралев и Игор Стефановски.