Република Македонија и понатаму живее, барем на македонските возачки дозволи што ги признава Италија, која не ги прифаќа за преведување новите со „Северна“.
Со таков проблем се соочил Македонецот Дејан Кутаноски, кој една и половина година живее во регионот Венето и добил предупредување од италијанските власти дека има рок од една година за да обезбеди возачка со „Република Македонија“, ибаку нема да може да управува возило!
„Од септември 2024 јас останувам без возачка дозвола или треба да преполагам одново, од почеток да преполагам, теорија, пракса, сè. Околу 1.800–2.000 евра чини возачката дозвола“, се пожали Кутаноски за ТВ Сител.
Ги контактирал и македонските и италијанските власти. Но и двете страни си ја префрлаат топката.
„Прво се обративме во македонскиот конзулат во Венеција. Оттаму ни рекоа дека се работи на проблемот, ама за подобри информации јавете се во амбасадата во Рим. Од амбасадата во Рим ни кажаа дека се работи на проблемот и дека се чека потпис од италијанската влада“, вели Кутаноски.
Но, италијанските власти имаат своја верзија. Тие им кажале дека проблемот е во Скопје и дека Министерството за надворешни работи сè уште ги нема известено дека во Македонија се користат нови возачки дозволи.
„Ги контактиравме потоа италијанските институции, приватни агенции, државни агенции што работат на превод на возачки дозволи. Тие ни рекоа дека сè дури македонската држава не достави барање дека имате нови возачки дозволи, нема шанса да се преведат. Проблемот е кај вашата влада, тие треба да пуштат барање, допис“, објаснува Кутаноски.