Поврзаноста на болеста и исхраната е одамна докажана, па кога ќе ги сумираме последиците од остеопорозата, а тоа се во најлош случај фрактурите на коските кои со себе повлекуваат сериозен степен на инвалидитет, намалена работна способност, па дури и смртни последици станува јасно колкав акцент треба да се стави на превенцијата од оваа болест.
Остеопорозата е заболување на коските кое ја намалува густината и квалитетот на коскеното ткиво. Повеќе ризик-фактори имаат влијание за настанување на остеопенијата и остеопорозата, но на некои од нив навистина и да сакаме не можеме да влијаеме. Такви процеси се стареењето, полот, други примарни заболувања кои се лекуваат со кортикостероиди, а некои сметаат дека и откажувањето од никотинот е ризик-фактор кој не е така лесно да се смести во групата на лесно менливи! Затоа диетолозите истакнуваат дека е неопходно да се обрне внимание на правилната исхрана бидејќи таа е значаен ризик-фактор за појава на ова заболување.
Внимавајте, бидејќи уште од младоста најголема густина на коскената маса се постигнува некаде околу 30-тите години, а потоа таа постепено се намалува со стареењето. Кај женскиот пол по менопаузата ова намалување се одвива 5-10 пати побрзо како резултат на нерамнотежата на хормоните естроген, прогестерон и гликокортикоидите (заболувањето почесто е кај женскиот пол). Заради ова е навистина важно во овој активен животен период скелетот да биде што поздрав и појак, а за такви јаки коски она што е потребно се калциум, магнезиум, витамин Д и редовно движење.