Во пресрет на финалето од Лигата на шампионите што утре во Кардиф ќе го играат Јувентус и Реал Мадрид, официјалниот спонзор на натпреварувањето Мастеркард спроведе истражување за страста и приврзаноста на прочуениот 12. играч во фудбалот. Патем, нормално за овој финансиски бренд, тимот што анкетираше 10.500 луѓе во 16 земји, праша и неколку работи од нивната област кога фудбалот е во прашање.

И резултатите се главно очекувани. Англиските навивачи, за 32 насто од испитаниците се најповрзани за своите клубови и подготвени да направат се што е потребно за своите бои. Тоа е двојно повеќе од чувството што, за својата екипа го имаат во Шпанија, уште помал е процентот за тифозите во Италија итн. Интересно дури 11 насто од Англичаните не сакаат ни да чујат за партнер во емотивна смисла, ако е тој навивач на конкурентски тим. Тешко е за компарација, но во оваа графа спаѓаат и 20 проценти од испитаните турските навивачи кои би го одложиле медениот месец, ако в џеб имаат билет за натпревар на својот тим во ЛШ.

Но, тоа е само еден аспект на приврзаноста, според друг, а тоа е желбата да се потроши за да се следи својот клуб, Англичаните не се ни до пола до Турците, кои анкетата покажа, трошат 608 фунти годишно само на билети и на трансфер, што е повеќе и од Русите (553) и од Французите (475). За Турците, па и за Русите проблем е далечината односно должината на патувањето за да ги гледаат и бодрат своите миленици. Сепак тие не се најупорните зошто Полјаците во просек минуваат 8 часа во превозно средство за да стасаат на еден натпревар, а тоа е веќе двојно повеќе од Англичаните кои не сакаат и не се решаваат за долги рути, па нивниот просек е само нешто повеќе од 4 часа.