Иранската влада ги негираше тврдењата дека ирански хакери ја нападнале претседателската кампања на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
„Не ја прифаќаме оваа вест како веродостојна, бидејќи иранската влада нема цел или мотив да се меша во претседателските избори во САД“, соопшти постојаната мисија на Иран во Обединетите нации, пренесува државниот медиум Ирна.
Кампањата на Трамп го обвини Иран дека стои зад хакирањето, повикувајќи се на извештај на Мајкрософт.
Белата куќа го осуди хакерскиот напад врз кампањата на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој беше откриен во саботата.
„Администрацијата на Бајден-Харис силно ја осудува секоја странска влада или организација што се обидува да се меша во нашиот изборен процес или се обидува да ја поткопа довербата во нашите демократски институции“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност, пренесе Си-Ен-Ен.
Кампањата на Трамп тврдеше дека била цел на ирански хакери во јуни 2024 година, повикувајќи се на извештај на Microsoft Corp.
„Иранците знаат дека претседателот Трамп ќе го запре нивниот терор, исто како што тоа го правеше во првите четири години во Белата куќа“, рече портпаролот на кампањата Стивен Чунг.