Иран лансира стотици дронови и ракети кон Израел, па прогласи крај на акцијата!

Иран лансираше стотици беспилотни летала и десетици крстаречки и балистички ракети кон Израел како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, по што Техеран објави дека „акцијата е завршена“. Тензиите на Блискиот Исток зовриваат бидејќи се очекуваат ракетни експлозии.

Иранската мисија во Обединетите Нации објави дека ја смета акцијата на нејзините сили за легитимна, започната во согласност со член 51 од Повелбата на ОН како одговор на израелскиот напад врз конзулатот во Дамаск.

„Оваа работа може да се смета за завршена. Ако, пак, режимот во Израел ја направи следната грешка, одговорот на Иран ќе биде многу построг“, изјавија од иранската мисија во ОН. „Ова е конфликт меѓу Иран и одметничкиот режим во Израел, во кој САД мора да се држат настрана“.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, го потврди нападот и додаде дека ќе бидат потребни неколку часа за беспилотните летала да стигнат до израелскиот воздушен простор, додавајќи дека ЏПС-услугите се недостапни на многу локации во земјата.

Американскиот претседател Џозеф Бајден вечерва се сретна со неговиот тим за национална безбедност за да го процени нападот на Иран врз Израел, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски официјален претставник. Според него, средбата во Белата куќа е во тек.

Бајден го прекина своето викенд патување во Делавер за да разговара за настаните на Блискиот Исток, пишува „Џерузалем пост“. Тој во петокот рече дека очекува ирански напад врз Израел „порано отколку подоцна“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го предупреди Техеран дека Израел ќе се заштити од каква било закана.