УЕФА го одобри стадионот Младост во Струмица за меѓународни фудбалски натпревари и таму летово своите домашни средби ќе ги играат три од четирите македонски претставници во Европските купови. Шкендија ќе ја дочека молдавската Дачија, а Пелистер полскиот Лех Познањ и тоа во термините 5/6 јули. Станува збор за реванш средбите од второто коло во Лига Европа.
За сега кандидат за настап во Струмица е и првакот Вардар кој се обидува да добие дозвола натпреварот со Малме да го закаже на Телеком арената во Скопје. Ако црвено црните не успеат во намерата и тие ќе го играат возвратниот мегдан од вториот круг во квалификациите од Лигата на шампионите на стадионот Младост. Објектот потсетуваме е темелно реконструиран и на него поради функционалните рефлектори може да се одржуваат и вечерни мечеви.