Има ли одговор за Македонија, прашање до Вашингтон

Има ли одговор за Македонија е прашањето кое што до американската администрација го упатува специјализираниот магазин за меѓународна политика „RealClear“ кој во својата анализа за земјава вели дека таа секогаш била оспорувана од своите соседи.

По падот на Отоманската империја земјата се соочувала со „Македонското прашање“ кое се решавало со крвави етнички судири придружени од манипулации на големите сили како Велика Британија и Германија, се тврди во текстот. Сега пак авторот вели дека Албанија би можела да ја предизвика контролата на целата територија од страна на Скопје а Грција активно го предизвикува името на земјата.

За да ја задржат стабилноста Македонците знаат дека им е потребна надворешна помош особено поради конфликтите со соседите кои што го блокираат членството во НАТО И ЕУ.

По десетгодишното владеење на ВМРО – ДПМНЕ во кое целосно се деградирани инстуциите работите се менуваат со новата влада која по драматичното преземање на власта се чини дека е подобро позиционирана од било кој момент во предходната декада за да го турне процесот на евроатланска интеграција напред, пишува во анализата.

Тоа е причината зошто западот има интерес да работи со Скопје. Западните институции се чини дека имаат излез за транзициските земји како Македонија кои што имаат интерес да ги зацврстат своите институции и да ја модернизираат економијата.

Според анализата одбивањето на НАТО и ЕУ да ја примат Македонија се случило во време кога Европа сметаше дека границите на мирот и стабилноста ќе се развиваат, кога на земји како Турција им беше одложуван влезот во ЕУ а на Украина и Грузија им беше затворана вратата на ЕУ а им беше нудено само НАТО без да им се даде конкретен план за членство.

Во такви околности Македонското прашање повторно се појави пред западните лидери и тоа во својата најлоша форма. Некои од идеите за него како таа на конгресменот Дана Рорабахер за поделба на земјата од соседите, идеја која што беше рециклирана и во последниве месеци, беа многу лоши, се вели во анализата.

Според магазинот манифестацијата на етничката моќ на Балканот и во Македонија е најсилна таму каде што силата на една етничка група е под знак прашалник. Со оваа теза се објаснуваат албанските црвени знамиња во Северо – Западна Македонија кои што се далеку побројни од тие во Албанија.

Сепак во Македонија , смета авторот, има причини да се верува дека Албанците сакаат да учествуваат во постоечката држава наместо да се цртаат нови граници и да се прави унија со Албанија.

Неуспехот да се започне со приемот во НАТО и да се започната преговори со ЕУ сепак носат ризици пред се поради разочараноста кај граѓаните, тврди магазинот според кој нема лесен одговор на ситуацијата.

Пред се затоа што ЕУ не е во позиција да се шири поради своите внатрешни проблеми а НАТО иако може да реагира побрзо има лимитирани можности за помош на своите членки.

Македонија со оглед на што одамна беше подготвена за НАТО има подобро организирана армија од Црна Гора која што е последна членка на алијансата, вели авторот кој предупредува дека доколку западот не најде начин да интервенира  во Македонија која е на 1000 километри од Виена, има други надворешни актери кои што се подготвени да реагираат.