Талат Џафери не се измори од опструирање. Со молчење ја блокира собраниската расправа во Комисијата за труд и социјала на која се расправа за предлог Законот за правата на бранителите и нивните семејства. Координаторот на ДУИ вели дека досега уривал рекорди во зборување, а сега ќе урива во молчење. Потоа и во читање поезија. Од неговата партија во Собранието испорачаа вкупно 15 451 амандман, само за да го парализираат носењето на законот. Ермира Мехмети се закани ако треба ќе поднесат и 150 илјади амандмани, но нема да дозволат борците на ОНА да останат подолу од бранителите. Сето ова се случува во есента 2012 година кога ДУИ од петни жили се обидуваше и на крајот успеа да го блокира донесувањето на Законот за бранителите бидејќи тој не бил прифатлив за Албанците, пишува Алфа ТВ.
Пет години подоцна истиот тој Џафери и истата ДУИ тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да го блокира носењето на Законот со кој Македонија станува двојазична држава, а амандманите на законот кој ги поднесе опозициската партија, вкупно 35, 569 – биле политичко прашање, односно процедурата се употребувала за политички цели. Претседателот на Собранието предупреди дека доколку ВМРО-ДПМНЕ продолжи да ја блокира работата на Собранието со помош на амандманите, тогаш и тој ќе дејствува. Запрашан од новинарите да направи споредба меѓу ситуацијата со Законот за бранители и актуелната околу Законот за јазиците Џафери порача дека „Законот за јазиците не може да има иста судбина како Законот за бранителите бидејќи не била иста процедурата, ниту постапката. Според него, тогаш Собранието не било блокирано, туку Комисијата, а се работело кога се можело по таа точка. И уште еднаш порача дека ВМРО-ДПМНЕ мора да разбере дека ова што го прават е на штета на Албанците, а ако не разберат, тогаш ќе преземе други чекори без да појасни што точно мисли со тоа.
Инаку Законот за јазиците веќе беше изгласан од мнозинството, без присуство на опозицијата, но потоа претседателот Иванов стави вето. ВМРО-ДПМНЕ одлучи да се врати во Собранието, за, како што објаснија, да се спречи донесување на противуствен закон, а амандманите се поднесени врз основа на укажувањата и забелешките на претседателот Иванов. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска предупреди согласно деловникот не може да се избегне разгледување на амандманите, и доколку Џафери сепак направи таков чекор, тоа ќе претставува целосно погазување на уставот и на уставниот поредок, објавува ТВ Алфа.