Со повеќе од 70 гласа „за“ поединечно, Собранието ги прифати интерпелациите за петте члена на Судскиот совет избрани од него, и тоа Весна Дамева, Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Павлина Црвенковска.
Одлуката не е обврзувачка, но предлагачите од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, заедно со опозициската Левица, ги повикаа петтемина да поднесат оставки од членство во Советот.
На предлогот за изгласување недоверба се спротивставија пратениците од СДСМ и ДУИ, кои чинот го оценија како упад во судската власт, по што ја напуштија собраниската сала и не учествуваа во гласањето.
Од петте члена на Советот на расправата се појави само неговата поранешна претседателка Дамева.