Игор Југ останува во притвор

Уште триесет дена притвор доби кумановецот по проширената истрага што ја отвори Обвинителството.

Обвинителството го товари дека бил водач на групата која упадна во Собранието на 27 април.

Тој бил однесен на распит во Обвинителството, а потоа во суд пред судија на претходна постапка.

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор против лицето И.Ј. за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од чл.385 ст.3 од  КЗ и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од КЗ, судија на претходна постапка го прифати предлогот и определи мерка притвор во траење од 30 дена“, соопштија од Судот.

Српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, инаку поврзан со дипломатскиот скандал кога Белград го повлече целиот персонал од српската амбасада во Скопје, на една белградска телевизија го обвини Игор Југ дека на 27 април влегол во Собранието наводно со намера да изврши убиство на еден партиски лидер.

Игор Југ во собраниската зграда носел оружје што можело да се види и од снимки.

Тој беше уапсен минатата недела во Куманово, во стан на само стотина матри од полициска станица, иако полицијата по него трагала цели пет месеци.