Албанија се надева дека ќе се почитуваат малцинствата и нивниот идентитет и култура, изјави албанскиот претседател Илир Мета денес во Скопје, во одговор на прашањето за неодамнешното признавање на бугарското малцинство во Албанија.

„Нашата влада и парламентот покажаа максимална флексибилност и толеранција во оваа насока, но тоа не значи дека ќе охрабруваме дејства кои не се соодветни на реалноста во Албанија“, истакна шефот на албанската држава на денешната посета во Македонија, каде што имаше средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

На средбата, станало збор и за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко кој се наоѓа во притвор во Македонија, а Иванов искажал загриженост за здравствената состојба за градоначалникот на Пустец и дека ѝ пренел на Владата стравување дали Темелко ќе го преживее овој судски процес.

И албанскиот претседател Мета ја искажа загриженоста за Темелко, бидејќи станувало збор за државјанин на Албанија.

„Секој државјанин треба да ги почитува законите на државата чиј државјанин е. Во случајот со Темелко е што тој има државјанство и на Република Македонија и на Република Албанија. Ја искажав мојата загриженост и на оваа средба и на средбата порано со Џафери. Се работи за јавна личност, за градоначалник на општина, но и за лице кое има лоша здравствена состојба“, рече Мета.

Шефот на албанската држава рече дека лично ќе се заложи за поддршка на македонската заедница во неговата земја и дека е подобро државите да соработуваат, отколку да поставуваат прашања од минатото.

„Во овој поглед Скопје и Тирана се пример за соработка во целиот регион”, смета тој.

Македонскиот претседател Ѓорге Иваноб посочи дека тесната врска меѓу двете земји се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија.

„Дојдовме до заклучок дека ова е најважното нешто за нас. Искажав благодарност на Илир Мета за досегашната грижа за Македонците во Албанија и за сите негови напори за подобрување на нивната состојба. Има индивидуални случаи, кои не треба да се резимираат, секогаш треба да гледаме генералната слика и да ги охрабруваме сите позитивни примери кои го подобруваат односите меѓу двете земји“, рече тој.