Ибрахими: Химната да има еден текст за Македонците, друг за Албанците!

Претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, смета дека со промената на грбот треба да се смени и химната, за што, според него, има три опции: химна со два текста – едниот за Албанците, другиот за Македонците, химна со еден текст што ќе ги вклучи сите етникуми и ќе може да се пее на сите нивни јазици и химна без текст.

„Еден од начините е химна без текст или да се направи друг текст кој ќе биде без етнички идентитет или каде што ќе бидат вклучени сите други етникуми и ќе може да се пее на кој било јазик од која било етничка припадност. Македонците, Албанците, Турците и другите да можат да ја пеат на својот јазик. Постои уште една опција текстот да се адаптира и да биде погоден за сите други етникуми. За нас Албанците, мелодијата на химната не е толку проблематична колку текстот на химната. Во духот на државната кохезија и во духот на добрата волја во Северна Македонија, мислам дека е во интерес на државата прашањето за химната да се дискутира во пакет со грбот. Дали може да има два текста на химната? Не е исклучено ниту тоа Албанците да имаат свој текст на химната”, рече Ибрахими во емисијата „Дијалог кај Љајм“.

„Зборував со високи владини експоненти дека тоа не треба да се прави во стилот што да направиме за да ги победиме Албанците или Албанците да направат нешто за да кажат дека ги победивме Македонците. Ова е за заеднички интерес, да станеме држава во која сите етникуми се чувствуваат добро претставени“, додаде тој.