„Ќе беше добро во своето писмо до ‘сојузниците’ Али Ахмети да им објаснеше како и зошто го сменил Кривичниот законик, шверцувајќи го под европско знаме, но да им објаснеше и како станал неговиот внук сопственик на трговскиот центар ‘Соравија’ во центарот на Скопје без да вложи ниеден цент!“ – реагира на фејсбук Зеќирија Ибрахими лидерот на партијата Алтернатива, членка на коалицијата Вреди, која е дел од Владата на Република Македонија. Во писма до државниот секретар на САД Ентони Блинкен, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон, до претседателот и премиерот на Албанија Бајрам Бегај и Еди Рама, како и до претседателката и премиерот на Косово Вјоса Османи и Албин Курти, лидерот на ДУИ Ахмети испратил писма, во кои изразил „длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во * Македонија, што ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава’.“
Во својата реакција кон овие писма на Али Ахмети во својата објава на фејсбук Ибрахими дополнува со иронија и подсмев кон Ахмети:
„Кога ѝ изгоре опашката на лисицата, таа помисли дека завршил целиот свет. Тажачката за владата и стравот од правдата имаат име.“