Бурата која што ја зафати македонската јавност во врска со текстот на британскиот весник Фајненшл тајмс (Financial times) за прашањето за името влијаеше и на уредувачката политика на угледниот лондонски весник кој го промени насловот на текстот во кој пишува за прашањето за името.
Промена на името на текстови во ФТ и други европски и американски весници и медиуми не е невообичаена иако е ретка појава а во случајов најверојатно е направена по реакција од некои од соговорниците на новинарот на весникот.
Првичниот наслов „ Macedonia considers name change in efforts to join NATO“ – (Македонија разгледува промена на името за да влезе во НАТО) по неколку часа од објавувањето на текстот е променет во – Македонија ја разгледува употребата на провизорното име за влез во НАТО.
Најлогично е дека причината за промена на првиот наслов се можните проблеми за новата влада во Скопје која сега ќе мора на својата јавност да и објасни дали наводите на ФТ се точни особено дали е точно дека опцијата „Република Горна Македонија“ која што во текстот ја споменува весникот е реална.
Од независноста промена на името во Македонија е болно прашање за сите политички фактори и не може да се отфрли дека владата во Скопје побарала ФТ да го промени својот наслов во понеутрален и многу поприфатлив за македонските граѓани.
Дополнително ФТ отвори и други прашања како на пример што содржи пакетот поврзан со идентитетот за кој ќе се разговара во преговорите за името, кои според весникот треба да завршат за една година.