Прибе и ЕК во Собранието настрадаа од деконцентрирани пратеници

Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието Томислав Тунтев ја откри причината поради која владеачкото мнозинство не ги изгласало законските промени кои што се однесуваат на човековите права од пакетот предложен од Народниот правобранител Иџет Мемети а кои што се содржани во препораките на експертската група на Европската Комисија.

Според Тунтев „технички пропуст“ е причината за негласањето односно тоа што некои пратеници на првата точка од собраниската расправа биле деконцентрирани а некои концентрирани, поради што од вкупно 61 пратеник гласале само 37.

„На таа прва точка кој од пратениците беше сконцентрирани кој беше деконцентриран“, изјави вчера Тунтев.

Со тоа македонското Собрание практично му кажа големо „НЕ“ на Рајнхард Прибе, лидер на експертката група на Европската Комисија која што бара низа промени во македонското законодавство и практична примена на законите.

Оваа формулација на Тунтев која што вчера прво беше објавена на дел од телевизиите подоцна беше избришана во верзиите на извештаите објавени на интернет.

Предходно владата до Уставниот суд испрати барање да ја запре постапката за промена на членот 175 од Законот за електронски комуникации со кој на службите за безбедност (УБК) им се овозможува директно, без судски налог да прислушуваат и да следат лични комуникации преку телекомуникациските оператори.

Итна промена и на овој закон е дел од препораките на Прибе со цел ставање ред во овој ресор.

Изјавата на Тунтев од видеото на порталот А1 ОН