Ризици, или предизвици?! Што ја чека македонската економија периодов што е пред нас. Раст од 4,2 проценти на нефункционалните кредити во вториот квартал од 2024 година евидентираа банкарите. Во последниот „Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Македонија“ изработен од Народната банка се нагласува дека иако има раст од 4,2 проценти, тој е далеку понизок во споредба со претходниот квартал кога растот на нефункционалните кредити достигнал 11,5 проценти, пренесува Фактор.
– Нефункционалните кредити се зголемија повеќе кај домаќинствата, со раст од 10,7 отсто, и со минимален раст од 0,2 проценти кај претпријатијата. Кај секторот „домаќинства“, главен двигател на растот на нефункционалните кредити се потрошувачките кредити – пишува во извештајот.
Од НБ посочуваат дека стапката на нефункционални кредити, по зголемувањето претходниот квартал кое се должи на регулаторни промени, повторно е на историскиот минимум кај претпријатијата и достигнува 3,7 проценти. Кај домаќинствата, нефункционалните кредити пораснале за 0,2 процентни поена и сега достигнуваат 2,5 отсто. За вкупниот нефинансиски сектор, стапката на нефункционални кредити остана иста во овој квартал, 3,1 процент.
– Ризиците од ненаплата на целиот износ на идентификуваните нефункционални кредити се ограничени, поради висока покриеност со исправка на вредноста за очекуваните кредитни загуби. Учеството на нерезервираниот дел од нефункционалните кредити е стабилно на нивото од 5 отсто од сопствените средства. Покриеноста на редовните кредити со исправка на вредноста за очекуваните кредитни загуби се задржа на истото ниво или 2,2 проценти – објаснуваат банкарите.
Во извештајот се посочува дека пролонгираните и реструктурираните кредити се намалиле во вториот квартал од 2024 година и имаат мали учества во вкупните кредити или поточно 3,7 отсто и 1,6 проценти. Поради ваквата поставеност, тие не претставуваат ризик за идно влошување на квалитетот на кредитното портфолио. Дополнително, банкарите истакнуваат дека и резултатите од стрес-тест симулациите за кредитниот ризик ја потврдуваат отпорноста на банкарскиот сектор.
– Неизвесностите од нестабилното окружување и затегнатата монетарната политика, упатуваат на потребата од натамошна зголемена претпазливост на банките во управувањето со кредитниот ризик – потенцираат од НБРМ.
Од централната банка објаснуваа оти по првиот ефект од регулаторните промени и растот на нефункционалните кредити во првиот квартал од 2024 година за 11,5 отсто или 1.403 милиони денари, во вториот квартал растот на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор забави и изнесува 4,2 отсто или 568 милиони денари. Притоа појаснуваат дека зголемувањето на нефункционалните кредити произлезе од домаќинствата, а незначителен придонес имал и корпоративниот сектор. Повеќе на Фактор.мк.