Зеленски: Целосна размена на заробенци со Русија може да е почеток на крајот на војната

Претседателот Зеленски на самитот во Киев, на кој присуствуваа многу министри и претставници на ЕУ, изјави дека целосната размена на воени заробеници со Русија може да претставува „почеток“ на завршување на војната.

Досега имаше 60 размени на затвореници меѓу Украина и Русија од почетокот на војната, вклучително и една во декември кога беа разменети стотици затвореници.

„Тоа е фер и праведна опција“, рече Зеленски, истакнувајќи дека илјадници Украинци сè уште се во руски затвори – некои од нив од руската анексија на Крим во 2014 година.

„Илјадници – илјадници луѓе се приведени во Русија“, нагласи тој. „Русија мора да ги ослободи Украинците. Украина е подготвена да размени секого за секого, и тоа е фер договор.

Иако Украина не објавува официјални податоци за своите воени заробеници во Русија, се проценува дека ги има повеќе од 8.000.

„Мирот не може едноставно да се прогласи преку ноќ. Путин нема да ни даде мир или да ни го понуди во замена за нешто. Мораме да извојуваме мир со сила, мудрост и единство, преку соработка со вас [лидерите на самитот]“, рече Зеленски.

Тој заклучи дека траен мир може да се постигне само ако Украина добие цврсти „безбедносни гаранции“.

Минатата недела Русија рече дека нема да прифати присуство на војници на НАТО во Украина како дел од каков било мировен договор.